10.11.2017

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари организираше неформална средба со локалните новинари. На средбата, која помина во пријателска атмосфера, градоначалникот ги информираше новинарите дека од следната недела ќе започне да функционира со полн капацитет Службата за информирање соп што ќе се надминат и евентуалните недостатоци во првите денови од неговиот мандат.

“Ве уверувам дека наскоро ќе имаме консолидиран тим за односи со јавноста и дека благовремено ќе бидете информирани за сите настани што ве интересираат како новинари за да ја информирате јавноста. ПР тимот ќе биде отворен за соработка и ќе имате брз пристап до сите информации со јавен карактер”, истакна Таравари и додаде дека одржувањето на вакви неформални средби ќе биде редовна пракса најмалку еднаш месечно.

Брифингот, новинарите го искористија и за да се информираат за актуелностите во општината во првите денови од мандатот на градоначалникот Арбен Таравари.

Градоначалникот ги информираше дека веќе во јавното претпријатие “Комуналец” назначен е в.д. Исак Лазами, а во Секторот за урбанизам ќе го води тричлена екипа составена од Сефедин Билали, Ванчо Алексоски и Беким Алиу, каде што тројцата ќе ги потпишуваат документите кои ќе ги издава секторот.

Во однос на назначувањето на в.д. директори на основните и средните училишта, градоначалникот Таравари ги запозна новинарите дека од понеделник ќе оствари средби со наставниот кадар и од нив ќе побара да достават по три имиња, од кои градоначалникот ќе избере еден.

“Ова ќе го направам со цел да го остварам тоа што сум го стремел и што го ветив во кампањата, деполитизирање и департизирање на образованието, како област која ги засега нашите најсакани, децата, и која треба да ни обезбеди светла иднина“, истакна Таравари, подвлекувајќи дека за именување на директори со полн мандат, ќе бидат објавени соодветни конкурси и ќе се следат редовните процедури.

Новинарите исто така се заинтересираа за конституирањето на Советот на општината, при што добија одговор дека мнозинството веќе е обезбедено со тенденција да се прошири во блиска иднина.

“Очекуваме дека во наредните денови, ќе добиеме позитивен одговор од ДУИ во врска со свикувањето на конститутивната седница на Советот на општината. Посакувам да имаме што поширок консензус во процесот на донесување одлуки и тоа воедно да се одрази како добар пример и на национално ниво”, потенцираше градоначалникот и додаде дека за претседател на советот ќе биде предложен носителот на советничката листа од Алијансата за Албанците , д-р. Бесим Мемеди.

Информативна служба

.c-article-list .article-image a { height: 250px; }