13.03.2018

Со поддршка на Општина Гостивар, Секторот за внатрешни работи Тетово, во гостиварските училишта го спроведува проектот “Почитувај ја различноста“ чија што цел да се надминат предрасудите, да нема насилство и на различностите да се гледа како на придобивка, а не како на проблем.

Првата работилница се одржа во ОУ “Гоце Делчев“ во Гостивар. Работилницата беше интерактивна и во презентациите учествуваа самите ученици кои ги пренесоа и споделија своите искуства и знаења.

„Со ваквите работилници се подигнува свеста кај младите во насока на почитување на мултиетничноста и превенција на насилство. Ние како општина, и во иднина ќе ги поддржуваме ваквите активности“, рече Сеадин Ејупи, шеф на кабинетот на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари .

„Нашето училиште повеќе години спроведува проекти во соработка со Отсекот за превенција на МВР. Секоја учебна година се организираат работилници кои ги третираат темите како насилство, злоупотреба на психотропни супстанци и слично. Ваквите настани, се од голема корист за учениците“, изјави Сашо Шарески, директор на ОУ„Гоце Делчев“ во Гостивар.

Проектот „Почитувај ја различноста“ ќе се реализира и во училиштата “Единство“ и “Мустафа Кемал Ататурк“, како и во три тетовски основни училишта.

Предвидено е проектот да трае околу два месеци.

Служба за информирање