23.09.2019
Oпштина Гостивар изготви предлог Правилник за доделување награди и признанија на спортисти, спортски работници, клубови, тренери, здруженија и училишни тимови. Hаградите од областа на спортот ќе се состојат во плакети, медали и парични средства. Првичната верзија, пред љубителите на спортот и граѓаните, беше презентирана во салата на општинскиот совет, а откако ќе се дефинираат сите детали, Правилникот ќе биде ставен на гласање пред Советот.

Пофалби и награди ќе им се доделуваат на најуспешни спортисти – мажи и жени, јуниори и јуниорки, тимови во машка и женска категорија, спортисти/спортско лице со попречености, спортско здружение – екипни и поединечни спортови, училишен тим како и спортист од Гостивар кој се натпреварува во странство. Кандидатите ќе ги рангира посебна петчлена комисија, а висината на паричната награда ќе ја определува градоначалникот, врз основа на буџетската ставка за спорт.

– На овој начин ќе ги остраниме сомнежите дека при распределба на парите за спорт од општинскиот буџет има фаворизирања. Постојат субјективни коментари од некои луѓе, дека одредени клубови и спортисти добиваат повеќе пари од општината, а други помалку. Со овој Правилник ќе ги минимизираме ваквите озборувања. Го претставуваме најпрво пред спортистите, клубовите, спортските работници за да го слушнеме нивното мислење, предлози, забелешки, така е најдемократски“, изјави градоначалникот на Гпостивар Арбен Таравари.

Содржината на Правилникот ја презентираше советникот во советот и европски првак во карате, Берат Јакупи, кој ги повика сите активни спортисти и клубови, кои не се регистрирани да ја завршат оваа обврска, за да може да конкурираат за наградите.

„Има доста клубови коишто се активни, но не се институционализирани и заради тоа не можат да конкурираат, не само во општината, туку и во другите институции и донатори. Затоа нека биде ова еден апел, да се институционализираат. Свесни сме дека најчесто пречка за регистрирање се финансиите, но спортистите треба да гледаат долгорочно, дека на тој начин губат многу “, рече Јакупи.

Служба за информирање