13.01.2019

Болницата и верските објекти беа точките каде што денеска се спроведе доброволна акција за чистење на снегот на која се приклучи градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари и директорите на јавните претпријатијата со нивни соработници.

Во реализацијата на оваа акција се приклучи и економскиот оператор за зимско одржување, Насир Турс, а асистираше и полицијата.

“Група млади од Алијансата за Албанците покрена иницијатива за реализација на ваква акција, на која што со голема волја се приклучивме јас и моите соработници. Освен што даваме симболичен придонес, ние испраќаме и силна порака до граѓаните за чистење на површините пред нивните домови или дуќани. Морам да кажам дека сум презадоволен од придонесот на мнозинството граѓани во овој поглед, но секогаш може да се направи повеќе како од страна на институциите така и од страна на граѓаните”, истакна Таравари.

Тој информираше дека за овој период е многу задоволен од соработката со полицијата и изрази уверување дека соработката ќе продолжи и во иднина.

“Во врска со справувањето со ситуацијата, со задоволство можам да објавам дека општина Гостивар е оценета со оценка 5 од страна на полиција на скала од 1 до 5. Ако се остварат прогнозите на синоптичарите дека повторно ќе имаме снег, ќе ги интензивираме активностите и, доколку е потребно, и ќе го нпосиме снегот, што исто така ќе бара зголемена дисциплина од граѓаните за отстранување на возила кои ги оставиле на улица или на јавните паркинзи”, подвлече градоначалникот.

Доброволците во денешната акција, со копачи и лопати го кршеа мразот и го чистеа снегот од површините околу Саат џамијата, Црквата Света Богородица, паркингот кај Болницата и пешачките патеки во кругот на оваа здравствена институција. На одредени места се фрлаше и сол.