01.06.2018

Реализираните јавни приходи во основниот буџет на општина Гостивар за првиот квартал од 2018 година, споредено со истиот период минатата година, бележат пораст од 13 проценти.

Во првиот квартал од минатата година биле реализирани 60.739.493 денари, додека во истиот период оваа година наплатата достигна 68.502.722 денари. Најголемо влијание во овој пораст, има наплатата на данок на имот и на комуналните такси, односно делот од даноците кој зависи од ангажирањето на општинската администрација и зголемување на довербата на граѓаните во институцијата Општина.

“Кај данокот на имот имаме пораст за дури 42 проценти, односно од 11.770.673 денари во првиот квартал од минатата година, на 16.719.149 денари за првиот квартал од оваа година. Значителен пораст имаме и во наплатата на комунални такси, 12 отсто, односно од 14.203.738 денари во првиот квартал од 2017 година на 15.909.149 денари во првиот квартал од 2018 год. Овие две ставки на приходи од даноците се всушност се оние врз кои влијае довербата на граѓаните во општината како институција, но и посветеноста на општинската администрација”, објаснува раководителот на Секторот за финансии и буџет, Садри Елези.

Од Општина Гостивар, апелираат до граѓаните редовно да ги плаќаат даноците и комуналните такси, кои потоа им се враќаат во форма на инвестиции и услуги за поквалитетен живот.

Служба за информирање