26.07.2018

Гостивар се вклучи во кампањата „На секое дете му треба семејство“, која има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи за децата без родителска грижа. Во Летниот амфитеатар се одржа настан со културно-уметничка програма и беа испратени пораки за поддршка на згрижувањето на деца во топла, семејна атмосфера.

Настанот мод мотото “Посебна вечер за посебни деца“, го организираше Општина Гостивар во соработка со Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ.

“Општина Гостивар ќе биде отворена и секогаш ќе ги поддржува децата со посебни потреби. Ја поддржуваме кампањата На секое дете му треба семејство и ќе се залагаме тие деца да се социјализираат, да се дружат и да ги имаат сите услови, да го живеат животот исто како нивните врсници“, изјави Аслиан Снопче.

„Само во семејна средина детото може да почувствува љубов, поддршка и припадност. Згрижувачките семејства обезбедуваат најдобра алтернативна грижа во случаи кога биолошкото семејство не е во можност да му ја пружи сета љубов и грижа кои му се потребни на детето“, рече Билјана Ангелеска од Центарот за социјална работа во Гостивар.

Претставничката на УНИЦЕФ, Билјана Велковска исто така нагласи дека сакаат да ги мотивираат граѓаните да станат згрижувачи со што се збогатува животот на детето и на семејството кое му пружа дом.

Служба за информирање