21.05.2018

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари и градоначалникот на хрватскта општина Света Недеља, Дарио Зуровец, во саботата ја потпишаа Повелбата за пријателство и соработка помеѓу двете општини, со што и официјално овие два града се збратимија.

Повелбата за пријателство и соработка се потпиша во рамките на свечената седница на Градскиот совет на Света Недеља по повод Денот на градот.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, им се обрати на присутните и изрази особена чест што Општина Гостивар стана партнер со Општина Света Недеља.

“Општина Света Недеља е совршен пример за тоа како функционирањето на општинската администрација и соработката со бизнис секторот може да создаде клима за работа и живот. Со збратимувањето на нашите две општини, убеден сум дека ќе имаме голема корист од меѓусебната размена на искуствата”, истакна градоначалникот Таравари.

Градоначалникот, пак, на Света Недеља, Дарио Зуровец, подвлече дека темелите на оваа соработка се остварија благодарение на почесниот конзул на Република Хрватска во Скопје, г-ѓа Вита Хузјан.

Збратимувањето на двете општини има за цел воспоставување на пријателски, културни, општествени и претприемачки односи, како и подобрување на развојот на меѓудржавната соработка на локалните заедници во име на демократијата и заедништвото.

Претходно, на последната седница на Советот на Општина Гостивар, општинските советници едногласно усвоија одлука за збратимување на Општина Гостивар со Општина Света Недеља.

Служба за информирање