25.06.2018

Во Општина Гостивар, дене одржаа заеднички состанок градоначалникот, претседателот на Основниот суд, еден претставник од Основното обвинителство и командирот на Полициската станица – Гостивар.

Целта на состанокот беше формирање на Локален совет за превенција според препораките на ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, изјави за медиумите дека оваа средба повеќе имаше информативна и консултативна цел, а во иднина ќе се остваруваат редовни состаноци со дефиниран дневен ред, кои ќе се одржат во понеделниците, на секои две недели.

“Одлучивме да формираме Локален совет за превенција со цел да соработуваме и да функционираме во интерес на граѓаните и кон проблемите да имаме превентивен пристап. Како што ме информираше командантот на полициската станица, ние сме прв град што има формирано ваков совет и се надевам дека ќе бидеме позитивен пример и за другите општини. Ќе држиме редовни состаноци на секои две недели во понеделник, со одредени точки на дневен ред и ќе ја информираме јавноста за проблемите со кои се соочуваме, како и за одлуките и активностите кои ќе се преземаат”, изјави Таравари по состанокот.

Општина Гостивар изразува подготвеност за секаков вид меѓусекторска и меѓуинституционална соработка, со цел процесите да одат напред и од нив корист да имаат сите граѓани, особено во однос на безбедноста, без оглед на нивната етничка, верска припадност или политичко убедување.

Служба за инфопрмирање