Почитувани граѓани,

Со големо задоволство ве известуваме дека Меморијалниот марш во чест на настраданите од сообраќајната несреќа кај Ласкарци, помина во најдобар ред и ги надмина нашите очекувања.

На маршот учествуваа неколку стотици граѓани од Гостивар и од други градови низ земјава, од кои дел симболично, околу стотина изодеа една или две етапи, а 46 учесници маршираа од почеток до крај на рута од 53 километри во времетраење од 11:30 часа. Треба да се истакне дека на маршот учествуваа и задоволителен број припаднички од поубавиот пол, од кои 6 ја изодеа целата рута и десетина една или две етапи, а учествуваа и повредени во несреќата како и челнови на семејствата на загинатите.

Она што најмногу не радува е дека како гостиварци, уште еднаш покажавме дека секогаш, и во добро и во зло, сме обединети без оглед на национална, верска, политичка, социјална или било каква припадност. Се надеваме дека успеавме да пратиме силна порака до институциите на државата за преземање мерки за зголемување на безбедноста во патниот сообраќајот, како и подигање на свеста на учесниците во сообраќајот за претпалзиво возење и почитување на правилата, така да вакви трагедии не ни се повторат во иднина.

Изразуваме благодарност до Општина Гостивар и до градоначалникот Арбен Таравари за целосната материјална и логистичка поддршка, како и до Министерството за внатрешни работи за полициска асистенција во текот на целиот марш.

Секако, голема благодарност до локалните, регионалните и националните медиуми што го покрија овој мошне значаен настан.

Веруваме дека овој марш ќе стане традиционален и ќе влезе во агендата на активности на Општина Гостивар, со што ќе се подобри организацијата и ќе се зголеми масовноста.

Организацики одбор