05.01.2018

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, како што претходно најави, ja зaпочна денеска кампањата наречена “Вистината за ДУИ”, во чии што рамки во континуитет ќе држи прес-конференции на кои ќе бидат обелоденети сите злоупотреби извршени од страна на поранешното раководство на Општина Гостивар, а кои ги констатирала внатрешната ревизија.

“Има полно скандали, почнувајќи од полицијата, образованието, областа на урбанизмот, работата на општинската администрација и така натаму. Неколку внатрешни ревизии веќе се завршени, некои се во тек, а со ревизии ќе се продолжи сè додека не се открие и последната злоупотреба. Денес, пред вас ќе го обелоденам случајот со кафетеријата кај ЈПССО “Риниа” – Гостивар. Овој локал му е изнајмен на лицето Гази Фејзи за надоместок од само 5.000 денари месечно и тоа за период од 20 години. А најскандалозен е фактот што оваа кафетерија го блокира влезот на спортската сала каде што се одржуваат натпревари во првата кошаркарска лига и се собираат повеќе од 2.000 гледачи на кои им се загрозува безбедноста. Втората работа, истата кафеана користи електрична енергија и вода од спортската сала, значи тоа го плаќаат граѓаните на Гостивар”, посочи Таравари за да открие уште една друга вистина, дека со пари од Јавното претпријатие, се плаќале и одредени даноци и такси на кафетеријата.

Градоначалникот Таравари им ги подели на новинарите потребните материјали, односно договорот, преку кој новинарите и граѓаните можат да се уверат во неговата изјава, информирајќи ги дека тој ќе разговара со новиот директор на спортската сала, за да се обиде да го раскине договорот со менаџерот на кафетеријата. Што се однесува до мерките кои ќе бидат преземени, истакна дека во надлежност на општината е да се утврдат злоупотребите преку ревизија и да се сигнализираат надлежните истражни органи. Потоа, им преостанува ним да преземат соодветни дејствија за подигање одговорност.

Покрај тоа, градоначалникот на Гостивар, во врска со обвиненијата од поранешниот градоначалник Бејта за предложениот буџет за 2018 година, објави дека:

“За мојот кабинет сум предвидел околу 15 илјади евра помалку од поранешниот градоначалник Невзат Бејта за 2017 година, а и другите непродуктивни расходи предвидени за буџетот за оваа година се пониски во споредба со буџетите од претходните години”.

На прес-конференцијата, градоначалникот Таравари одговори и на новинарски прашања.

Што се однесува до шансите за одржување седница на советот и усвојување на предлог-буџетот, Таравари одговори: “Господинот Насир Муслиу бара конструктивност од мене. Што се однесува до г. Муслиу, тој е господин во прав смисол на зборот. Такви луѓе има полно во ДУИ, но јас знам дека нивниот партиски огранок во Гостивар е во изборен процес, има фракции, поделеност, им се вршат притисоци од страна на поединец кој треба да се оддалечи од политичкиот живот и најверојатно ќе треба да одговара. Јас сум отворен за соработка, ќе седнеме и ќе разговараме и ќе направам се што ќе можам како градоначалник за надминување на овој грч. Грчот се знае во што е, не се свикува седница, не доаѓаат на седница. Им испратив вчера допис, во кој барам да се свика седница и се надевам дека ќе го одржиме тој состанок”, подвлече меѓу другото Таравари.

Центар за информирање