24.08.2018

Во организација на невладината организација “ЦИВИЛ”, во салата на Советот на Општина Гостивар се одржа јавна средба со локалните власти, граѓанското општество и граѓаните во рамки на кампањата “Акција-интеграција”, која има за цел промовирање на европските вредности и зелените иницијативи.

Напорите на Општина Гостивар во овие области на присутните им ги презентираше градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

“Како општина сме спровеле голем број активности во рамките на нашите надлежности и можностите кои ни ги дозволува општинскиот буџет. Сме имале акции и проекти за позеленување на градот, чистење на дивите депонии и нивно позеленување. Планираме да воведеме јавен превоз со минибуси на електрична енергија. Посветени сме на конечно решавање на проблемот со регионалната депонија Русино. Ќе промовираме минималната употреба на автомобили, односно масовно користење на велосипеди, каде што планираме на есен да објавиме тендер за физибилити студија. Сето ова со цел да се зачува животната средина, да имаме помалку загаден воздух и многу други еколошки компоненти за кои западните земји инвестираат многу, додека ние како држава инвестираме многу малку. Како општина која се соочува со разни опструкции од централната власт се залагаме со скромниот буџет да иницираме некои работи кои можеме да ги направиме, сето тоа за доброто на граѓаните на општина Гостивар “, истакна Таравари.

Џабир Дерала од невладината “ЦИВИЛ“ му се заблагодари на градоначалникот на Гостивар за континуираната соработка со организацијата што тој ја претставува, како и неговиот коректен пристап кон граѓанскиот сектор во целина.

“Овие иницијативи, кои Општина Гостивар ги презема и планира да ги спроведе, се иницијативите кои во Европа и во развиените земји се сметаат за голема работа. Јас изразив жалење како и многу мои пријатели за тоа што д-р Таравари ја напушти функцијата министер за здравство, каде што се покажа многу успешен, но сега кога гледам дека бележи последователни резултати како градоначалник, мило ми е што ја избра оваа функција и дека и покрај фактот што е градоначалник кој доаѓа од редовите на опозицијата, многу придонесува за граѓаните на Гостивар “, рече меѓу другото, Дерала.

На прашањето на присутните што презема Општина Гостивар за решавање на проблемот со кучињата скитници, градоначалникот Таравари одговори дека во тек е изградба на Стационар за третман на бездомните кучиња, со што Гостивар ќе стане првиот град во Македонија кој ќе го реши адекватно овој дамнешен проблем.

Служба за информирање