Арбен Таравари се сретна со евро- пратениците Вајгл и Кукан

Македонија да го фати европскиот воз и да добие отворање на преговорите за членство во ЕУ

06.12.2017
Во рамките на својата дводневна посета на Брисел, градоначалникот на Гостивар истовремено и генерален секретар на
Алијансата на Албанците, Арбен Таравари оствари значајни средби со пријатели на Република Македонија во Европскиот парламент, за да дискутираат за европската агенда на Западен Балкан генерално, и за Македонија одделно.

Таравари се сретна со словенечкиот евро- пратеник Иво Вајгл и словачкиот Едуард Кукан, двајцата членови на Надворешната Комисијата на Европскиот парламент и најгласни евро-пратеници за евро- интеграција на Балканот и на Република Македонија.

На овие состаноци, страните разговараа за политичката ситуација во Македонија и за потребата за забрзување на реформите во следните месеци, со цел Македонија да го фати европскиот воз и да добие започнување на преговорите за членство во ЕУ пред Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ од јуни 2018 година. Градоначалникот Таравари истакна дека реформска агенда на владата на Македонија може да се примени и има смисла само ако биде попратена со коренити реформи на партиите од поранешниот режим, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Евро-пратениците Вајгл и Кукан ја поздравија конструктивната улога на Алијансата за Албанците во Владата на Република Македонија и ја нагласија потребата за стабилност во рамките на владејачката коалиција.
На крајот, страните изразија волја за одржување на редовен дијалог во патот на Македонија кон Европската унија.

Служба за информирање