Градоначалникот на Врапчиште Исен Шабани на посета во општина Гостивар

16.11.2017

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, денес во неговиот кабинет го прими градоначалникот на Врапчиште Исен Шабани.

Градоначалниците на двете соседни општини, зборуваа за актуелната сосотјба во општините со кои раководат и ги разгледаа модалитетите за спроведување на потребните реформи, со посебен акцент на соработката на ниво на Полошкиот регион.

“Ми претставува задоволство денес да го примам мојот близок пријател, со кого ќе разговараме за повеќе прашања. Како две соседни општини, Гостивар и Врапчиште имаат многу идентични проблеми, а некои од нив можат да се решат само заеднички. Би го спомнал, при оваа прилика, проблемот со управување на отпад, проблем кој што чекаме да се реши благодарение на поддршката од страна на Швајцарската амбасада, со кои како што е информирана јавноста, деновиве имав работна средба”, изјави за медиумите Таравари.

“Можам да кажам дека ова е моја прва официјална посета како градоначалник, и драго ми е што ја остварувам токму со еден мој близок пријател. Како што истакна и др. Таравари имаме многу заеднички прашања кои ги засегаат нашите граѓани. Општината ја наследив со долг од над 2,3 милиони евра, но се надевам дека со добро управување и отворена соработка ќе излеземе од оваа незавидна состојба”, рече Шабани.

Двајцата градоначалници рекоа дека вакви посети, планираат да остварат и со нивните колеги од другите општини и да се воспостави суштинска соработка на нивоа на Полошкиот плански регион.

Служба за информирање