Потпишан Договорот за грант за доградба на градинката “Цветови“ во Гостивар, се проширува капацитетот за 100 деца

30.10.2020

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари и Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска потпишаа Договор за грант согласно проектот за изградба на нови, надградба или адаптација на постоечките објекти за згрижување и воспитување на деца на предучилишна возраст во општините.

Договорот за грант со општина Гостивар се однесува за доградба на објект со површина од 519 м2, со што заедно со постоечкиот објект на градинка би добиле една целина во вкупна површина од 1658 м2. Максималниот капацитет на оваа градинка во новопроектираниот објект е до 100 деца. За оваа цел, обезбедени се 30 милиони денари.

“Имаме одлична соработка со Министерството за труд и социјална политика, а за тоа говори фактот дека ова е петта градинка која се гради за изминатите 3 години. Ако претходно имало по 350 деца на листа на чекање за прием во градинка, сега да не беше пандемијата и Протоколот таа бројка би била целосно пополнета“, истакна градонаќалникот Таравари

Двете страни изразија подготвеност за понатамошна соработка во рамки на нивните ресорни надлежности.

Служба за информирање