НАДЛЕЖНОСТИ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТА

НАЧИН НА РАБОТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТА

(1) Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.
(2) За разгледување на прашања и утврдување предлози од одредена област, советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии.
(3) Составот и начинот на изборот на членовите на комисиите од ставот (2) на овој член се уредуваат со статутот.
(4) Составот на комисиите од ставот (2) на овој член соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во советот.

ИЗБОР НА ЧЛЕНОВИ НА СОВЕТОТ

(1) Советот го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.
(2) Изборот на членовите на советот се уредува со закон.

БРОЈ НА ЧЛЕНОВИ НА СОВЕТОТ

Бројот на членовите на советот се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината и не може да биде помал од 9 ниту поголем од 33 члена.
Советот на Општина Гостивар брои 31 член.

СТАТУС НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ

(1) Членовите на советот се избираат за време од четири години.
(2) Членовите на советот ги претставуваат граѓаните и во советот одлучуваат по свое уверување.
(3) Членот на советот не може да биде отповикан.

НАДЛЕЖНОСТИ НА СОВЕТОТ:
1. Донесува Статут на општината и други прописи;
2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на Општината;
3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон;
4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на Општината и врши надзор над нивната работа;
5. Именува членови на управните одбори на јавните служби кои ги основа;
6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби кои ги основала Општината;
7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на Општината;
8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со законот;
9. Ги усвојува извештаите за работа и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала Општината;
10. Одлучува за начинот за располагање на сопственоста на Општината;
11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на Буџетот на Општината, во согласност со законот;
12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со законот;
13. Го разгледува и усвојува годишниот Извештај за јавната безбедност на подрачјето на Општината кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител;
14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот и
15. Врши и други работи утврдени со закон.
(2) Доколку советот не ги усвои извештаите од ставот (1) точките (7) и (9) на овој член, може да покрене постапка за вршење на контрола над материјалното и финансиското работење пред надлежниот орган за надзор.
(3) Раководното лице од ставот (1) точка 12 на овој член е избрано ако за него гласале мнозинство од сите совети на општините, кои ги опфаќа подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.

КОНСТИТУИРАЊЕ НА СОВЕТОТ

(1) Првата седница на новоизбраниот совет ја свикува претседателот на советот од претходниот состав најдоцна во рок од 20 дена од денот на завршувањето на изборите.
(2) Ако советот не се свика во рок од ставот (1) на овој член, членовите на советот сами се состануваат и под претседавање на најстариот член на советот го конституираат советот во рок од десет дена по истекот на рокот од ставот (1) на овој член.
(3) Ако седницата не се одржи во рок од ставот (2) на овој член ќе се распишат нови избори за членовите на советот, на начин утврден со закон.

ЗАКЛЕТВА

Новоизбраните членови на конститутивната седница на советот даваат и потпишуваат свечена изјава, која гласи:
“Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член во советот ќе ги вршам совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, законот, рописите на советот и дека ќе го штитам уставниот поредок на Република Македонија”.

СВИКУВАЊЕ СЕДНИЦИ НА СОВЕТОТ

(1) Седниците на советот се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци.
(2) Седниците ги свикува претседателот на советот на своја иницијатива, на барање на градоначалникот или на барање од најмалку 1/4 од членовите на советот најдоцна во рок од 15 дена од денот на неговото поднесување.
(3) Доколку во рокот определен во ставот (2) на овој член, претседателот на советот не ја свика седницата на советот, членовите на советот сами се состануваат и избираат претседател за таа седница.
(4) Денот, часот и местото на одржувањето на седниците на советот, како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работи, задолжително се објавуваат најдоцна седум дена пред денот на одржувањето на седницата, на начин утврден со статутот.

СВИКУВАЊЕ ВОНРЕДНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ
(1) Вонредна седница на советот свикува претседателот на советот, по сопствена иницијатива или на барање на најмалку 1/3 од членовите на советот, во случаи и на начин утврдени со статутот.
(2) Во известувањето за свикување на вонредната седница се наведува времето, местото на одржување и дневниот ред на седницата.
(3) Советот не може да го менува дневниот ред за вонредната седница.
(4) Пред започнувањето на седницата задолжително се гласа за оправданоста на причините на свикување на вонредната седница.

РАБОТА НА СЕДНИЦИТЕ НА СОВЕТОТ

(1) Советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот.
(2) Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон и со статутот поинаку не е определено.
(3) Прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во
општината.
(4) На седницата на советот по правило, се гласа јавно.
(5) За секоја седница на советот се води записник.
ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА СОВЕТОТ

(1) Советот работи на седници.
(2) Седниците на советот се јавни.
(3) За исклучување на присуството на јавноста на седницата се одлучува ако за тоа постојат оправдани причини утврдени со статутот, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот.
(4) На расправата за буџетот на општината, годишната сметка на буџетот и за урбанистичките планови, присуството на јавноста не може да се исклучи.

ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ

(1) Членовите на советот имаат право и должност да присуствуваат и да учествуваат во работата на советот и на неговите постојани или повремени комисии.
(2) Членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот.
(3) Членот на советот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во советот.
(4) Работодавецот е должен да го ослободи од професионалната работа членот на советот заради присуство на седниците на советот или на комисиите во кои е член.
(5) Членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ

(1) Членот на советот не може да учествува во процесот на одлучувањето за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, дете или роднина до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес.
(2) Членот на советот е должен да го информира советот за прашањата за кои тој има финансиски или друг личен интерес.
(3) Членот на советот, не може да биде вработен во општинската администрација на општината во која е избран.
(4) Со денот на вработувањето согласно со став (3) на овој член ќе се смета дека членот на советот поднел оставка.
(5) Членот на советот вработен во јавните служби кои ги основала општината, не може да учествува во процесот на одлучувањето за прашања што се однесуваат на јавната служба во која е вработен.

Надоместоци на членовите на советот
Членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Престанок на мандатот
(1) На членот на советот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран:
– ако поднесе оставка;
– во случај на смрт;
– ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење од над шест месеци;
– ако настапи случај на неспојливост со функцијата член на советот согласно со Законот за локалните избори;
– ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност и
– ако престане да биде жител на општината.
(2) Советот, на првата наредна седница, ќе ја констатира причината и денот на престанување на мандатот на членот на советот, и тоа:
– во случаите од ставот (1) алинеја 1, од денот на одржувањето на седницата и
– во случаите од ставот (1) алинеи 2, 3, 4, 5 и 6, со денот па исполнувањето на условот.
(3) На членот на советот може да му биде одземен мандатот ако неоправдано отсуствува од три седници на советот по ред.
(4) За оправданоста на отсуството од ставот (3) на овој член одлучува советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот.

ПРОПИСИ НА СОВЕТОТ

(1) Во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
(2) Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.
(3) Прописите за чие извршување се потребни финансиски средства мораат да содржат и одредби со кои се утврдуваат изворите и висината на средствата за нивно извршување.
(4) Прописите се објавуваат во службениот гласник на општината најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
(5) Прописите од ставот (1) на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено.
(6) Општината води збирка на објавените прописи, која е достапна на општ увид

САМОИНИЦИЈАТИВНО РАСПУШТАЊЕ НА СОВЕТОТ
Советот се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број членови на советот.

Услови за распуштање на советот
(1) Советот се распушта, ако :
1. Повторно го донесе прописот што претходно бил поништен или укинат со одлука на Уставниот суд на Република Македонија;
2. Донесе одлука со која се загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија;
3. Не се состане за период подолг од шест месеци и
4. Не го донесе буџетот и годишната сметка на буџетот до 31 март во тековната година;
(2) За настапувањето на еден од условите од ставот (1) на овој член, градоначалникот е должен веднаш да го извести министерството надлежно за вршење на работите од областа на локалната самоуправа.

ПОСТАПКА ЗА РАСПУШТАЊЕ НА СОВЕТОТ
(1) Министерството надлежно за вршење на работите од областа на локалната самоуправа, во рок од седум дена од денот на приемот на известувањето од членот 75 став (2) на овој закон, до Владата на Република Македонија ќе поднесе предлог за распуштање на советот.
(2) Владата на Република Македонија, во рок од еден месец од денот на приемот на предлогот од ставот (1) на овој член, ќе донесе решение за распуштање на советот по сила на закон, кое го објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
(3) За остатокот од изборниот период ќе се распишат нови избори за советот, согласно со Законот за локалните избори.
(4) Изборите од ставот (3) на овој член нема да се спроведат доколку до новиот изборен период има помалку од шест месеци.