Јапонија инвестира над 60 илјади евра во гостиварската болница.

19.02.2021

Во Општата болница во Гостивар „Ферид Мурад“, доаѓа инвестиција од 60.635 евра од Амбасадата на Јапонија во рамките на Грант програмата за мали проекти и човекова безбедност, што беше потпишана денес во Општина Гостивар. Со проектот се обезбедуваат средства за набавка на дигитален печатач за радиографија, чија цел е да се зголеми квалитетот на работата во Одделот за радиологија. Амбасадорот Хиронори Савада го потпиша договорот за грант, а присутни беа градоначалникот Арбен Таравари и директорот на болницата, Јакуп Јакупи.

– Во време кога светот се соочува со една од најголемите здравствени кризи со сериозни социо-економски последици, оваа помош од јапонската амбасада, што е дел од Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност (ГГП) е повеќе од добредојдена. Помошта, која вклучува дигитална рендгенска машина, значително ќе придонесе за зајакнување на капацитетот на Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар и ќе ја олесни работата на здравствените работници кои се на првата линија во битката против пандемијата. Во мое име  и во име на граѓаните на Гостивар, би сакал да изразам голема благодарност до јапонскиот народ и амбасадорот Хиронори Савада – истакна меѓу другото градоначалникот, Арбен Таравари.

Проектот за подобрување на медицинската опрема за Општата болница во Гостивар, е петти грант во рамките на оваа програма во текот на 2021 година, рече јапонскиот амбасадор Савада.

– Ова е петти грант потпишан оваа година во рамките на Грант програмата за мали проекти и човечка безбедност, позната како ГГП – програма. Јапонија ќе обезбеди рендгенска машина за општата болница во Гостивар. Се надевам дека новиот дигитален и модерен уред ќе овозможи висококвалитетна медицинска услуга, преку точно дијагностицирање за потребите на пациентите, граѓаните на Гостивар“, рече амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада.

Директорот на гостиварската болница, Јакуп Јакупи, потенцираше дека ова е втор пат, тие како институција да бидат помогнати од Амбасадата на Јапонија.

– Во 2002 година со некои медицински помагала, а сега и со оваа донација вредна 60.635 евра, односно РТГ дигитален уред, не снабдевте со најсовремена медицинска технологија – рече меѓу другото директорот Јакуп Јакупи.

Служба за информирање