На граѓаните им се презентираше предлог-буџетот на Општина Гостивар за 2019 година

16.12.2018

Со цел зголемување на транспарентноста и директно вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки во локалната власт, вчера во салата на Советот на општината Гостивар беше презентиран предлог-буџетот на Општината за 2019 година и се дебатираше во врска со истиот.

Раководителот на Одделението за буџет и контрола, Садри Елези објасни дека буџетот е изготвен врз основа на податоците собрани од сите општински сектори и одделенија, јавните претпријатија, основните и средните училишта, како и детските градинки. Во оваа прилика тој го повтори јавниот повик што побрзо да се одржи седница на советот и на дневен ред да се стави предлог-буџетот на општината.

Буџетот на Општина Гостивар за 2019 година претставува годишен план на приходи и расходи кои се опфатени во основниот буџет, буџетот од самофинансирачки активности, донации, дотации и заеми. Истиот е планиран на 1.077.642.000 денари (околу 17 милиони eвра).

По презентацијата на планираниот буџет се разви широка дебата. Сите забелешки и предлози од присутните граѓани се заведоа и оние кои ќе се оценат за разумно, ќе се земат предвид и ќе бидат изложени на седница.

Служба за информирање