Таравари: Шахот во Гостивар ќе го заземе заслуженото место

21.11.2017

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, денес во неговиот кабинет прими членови на раководството на Шах-клубот “Гостивар”.

Градоначалникот, при оваа прилика, им честиташе на шахистите од Гостивар Ахмет Салмани и Фети Камбери за нивниот успех на турнирот кој се одржа деновиве “Отворено првентство на Скопје 2017”, истакнувајќи дека шахот, иако не бара физичка активност, сепак може да се смета како благороден спорт.

Шахистите го запознаа градоначалникот дека шаховскиот клуб во Гостивар постои од 1950 година, но поради недостаток на институционална поддршка, во одредени периоди имало мирување на активностите. Исто така, тие го информираа градоначалникот Таравари дека во изминатите 3 години во Гостивар се организираше локално шаховско првенство и дека во рамките на клубот функционира шаховска школа.

Тие побараа поддршка од градеоначланикот за спроведување на предвидените активности и за зајакнување на капацитетите на клубот, за што добија позитивен одговор.

“Ќе ги имаме предвив вашите скромни и разумни барања, и ќе ја добиете заслужената поддршка за унапредување на шахот во нашата општина. Гледам ентузијазам и искреност од ваша страна, па затоа ќе имате коректна институционална поддршка од Општина Гостивар “, им рече на шахистите градоначалникот Таравари.

Тој, исто така, ги запозна гостите дека подигањето на квалитетот на културниот и спортскиот живот во Гостивар, зазема посебно место во програмата на општината за четиригодишниот мандат.

Центар за информирање