Турска делегација ја посети општина Гостивар – искажаа подготвеност за поддршка и инвестиции

18.12.2017

Делегација од Република Турција, составена од професори од Универзитетот “Сулејман Демирел” – Испарта, претставници на владејачката партијата АК Партиси, интелектуалци и новинари одржаа работна средба со градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.

Пријателите од Турција, му ја честитаа на градоначалникот Таравари новата функција, посакувајќи му успешна работа во четиригодишниот мандат. Тие ја изразија подготвеноста и интересот на Република Турција за поддршка и инвестирање во институции каде што се третираат деца со Даунов синдром, аутизам и други пречки во развојот, како и за професионално надградување на дефектолози, психолози и на други стручни лица кои се занимаваат со овие прашања.

Градоначалникот Таравари рече дека за време на кампањата ги презентираше своите ставови за лицата со посебни потреби и дека по ова прашање ќе се разговара и на средбата со турската амбасадорка.

“Уште во првите денови од мојот мандат, остварив средби со невладини организации кои се занимаваат со ова прашања и учествував во нивни активности за да ја покажам конкретната поддршка што ја имаат од мене и од страна на мојот тим”, истакна Таравари.

На состанокот присуствуваа и претседателот на Турското движење за национално единство (ТМБХ), Ердоган Сарач и општинскиот советник од редовите на оваа партија, Ертан Јакупи.

Во рамките на посетата турската делегација ќе ги посети просториите на поранешниот Факултет за технологија на храната, каде што ќе врши теренски истражувања во соработка со Општина Гостивар за модалитетите за рационално користење на овој објект.

  Служба за информирање