Заврши реконструкцијата на канализационата мрежа во дел од населбата “Леска”

,

02.01.2017

Проблемот со кој жителите од улица Драге Тодоровски во населбата Леска се соочуваат веќе 17 години секогаш кога имало обилни врнежи, конечно се реши пред неколку дена.

По тој повод, во неделата, населбата ја посети градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, каде што беше пречекан од жителите од населбата и разговараше со нив.

“Решавањето на проблемот со канализационата мрежа во овој дел од населба Леска беше едно од нашите предизборни ветувања. Пред три недели ја посетивме населбава и веднаш почнавме со целосна реконструкција на атмосферската и фекалната канализациона мрежа. Екипи од Јавното претпријатие Комуналец успешно ги завршија работите за кратко време и се надеваме дека проблемот што го имаа локалните жители уште од 2000 година, нема повеќе да се повтори”, изјави градоначалникот Таравари.

Тој во оваа прилика информираше дека реализацијата на овој проект чинело 2,5 милиони денари и дека ќе се продолжи да се работи на терен за да се исполнат сите ветувања, едно по едно.

Жителите на населбата изразија благодарност за оваа брза и ефикасна интервенција на Општина Гостивар за надминување на нивниот проблем.

Служба за информирање