Вистината за ДУИ – Шефот на кабинетот се почестил со 4 лап-топа и еден таблет

22.03.2018

Во рамките на кампањата “Вистината за ДУИ“, портпаролот на Општина Гостивар, Јасин Демири, на денешната прес-конференција информираше за два случаи на флагрантно кршење на процедурите и за злоупотреба на стварите на Општина Гостивар, од страна на шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник Невзат Бејта.

“На 18.10.2013 Општина Гостивар се снабдела со Таблет – Aplle iPad во вредност од 42.901 без отворен тендер. Приемот на стоката го потпишал шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник со напомена дека таблетот се наоѓа во неговата канцеларија, но тој таблет, истото лице не го предало при напуштање на канцеларијата. Во случајов има две сериозни повреди, односно необјавување на тендер за јавна набавка со вредност повисока од 30.000 и класична кражба на општински ствари“, истакна Демири.

Понатаму тој информираше за друг случај, каде што е направена уште по тешка злоупотреба. Поточно станува збор за злоупотреба на средства во износ од 321.300 денари (или над 5000 евра).

“Општина Гостивар на ден 17.10.2013 година се снабдела со 4 лап-топаа по поединечна цена од 76500 денари плус ДДВ. Никој досега не ги видел тие лап-топи во општината и не се знае каде завршиле истите. Иако не стои потпис, се знае дека ги примил шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник Невзат Бејта“, рече портпаролот на општината.

“За тоа каде завршиле четирите лап-топа и Таблетот, ќе треба да даде отчет поранешната раководна структура на Општина Гостивар, и пред општинската администрација и пред истражните органи“, рече на крајот на прес-конференцијата портпаролот Демири.

Центар за информирање