Гостивар ќе добие локална мрежа на мерни сензори за автоматско следење на квалитетот на воздухот

22.10.2020

До 2017 година во Гостивар немаше ниеден, а наскоро ќе се создаде цела локална мрежа на мерни сензори за следење на квалитетот на воздухот, со што Општина Гостивар ќе стане меѓу првите општини со ваква мрежа.

Ова беше објавено на денешната средба на градоначалникот Арбен Тарвари со двајца млади гостиварци, Благоја Беловинов и Богдан Јелисковски.

“Ми беше задоволство што денес во мојот кабинет примив двајца млади луѓе од нашиот град, Благоја и Богдан кои ќе инсталираат два нови мерни сензори и ќе се грижат за нивното одржување една година. Сензоритe ќе го мерат загадувањето според избраниот алгоритам за штетни честички PM 10, 5, 2.5 и други супстанции. Со инсталирање на двата нови сензори, во Гостивар ќе имаме пет мерни станици за квалитетот на воздухот“, истакна градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

Двата нови сензори, се планира да се постават во близина на депонијата Русино иво близина на фабриката Вардар Доломит“. Тие имаат многу висок квалитет и даваат реални податоци, а се и отпорни на климатските услови.

Податоците од двата нови сензори, заедно со податоците од трите постојни, ќе бидат поставени во апликацијата „Мој воздух“ и на веб-страницата на Општина Гостивар

Инаку, постојните мерни станици се наоѓаат кај поранешен Жито Шар, Големиот пазар и ООУ “Гоце Делчев“.

Слжба за информирање