Градоначалникот Таравари предлага продолжување на работното време на угостителските објекти за два часа, во четврток ќе се изјасни Советот на општината

26.01.2021
Советот на општината, по предлог на градоначалникот Арбен Таравари, се очекува во четврток да донесе одлука за продолжување на работното време за хотелските објекти за уште два часа.
Таравари предлага наместо до полноќ, во работните денови, работното време да трае до 02:00 часот, а за време на викендите од наместо до 01:00 да трае до 03:00 часот. Ваквиот предлог доаѓа во време кога нашите сонародници се во својот роден крај, но исто така и за да можат кафулињата и рестораните да работат бидејќи подолг период беа затворени поради пандемијата.
Градоначалникот Таравари очекува неговиот предлог да наиде на едногласна поддршка од советниците на седницата во четвртокот, што ќе биде последна на сегашниот состав согласно законот, бидејќи се очекува да бидат распишани локални избори и овој Совет, освен за итни случаи, нема да може повеќе да се собере. Доколку предлогот помине на Совет, сопствениците на угостителските објекти нема да бидат обврзани да поднесат барање за продолжување на работното време, бидејќи сите институции ќе бидат веднаш известени за новата одлука.
Инаку, Општина Гостивар минатата година ги ослободи угостителите од плаќање на општински такси со цел да ја ублажи финансиската криза што ја претрпе овој сектор од коронавирусот.

Служба за информирање