Градоначалникот Арбен Таравари го пречека на средба амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, во рамките на проектот „ЕУ за тебе“, денеска во просториите на општината го пречека амбасадорот на Европската Унија, неговата екселенција, Дејвид Гир.

На средбата се разговараше за важни прашања како што се децентрализацијата на локалната власт, континуираното зајакнување на младите и младинските центри во Гостивар, прекуграничната соработка, миграцијата и одличните меѓуетнички односи кои се пример за нашата земја.

Градоначалникот Арбен Таравари му се заблагодари на амбасадорот Дејвид Гир за континуираната европска финансиска поддршка за развојот на општина Гостивар, развојот на невладиниот сектор и проектите што се реализираат во општина Гостивар.

На средбата се разговараше и за членството на Северна Македонија во Европската Унија, за отворањето на билатералниот скрининг минатата недела и што значи тоа за нашата земја. Таравари го увери амбасадорот Гир за безрезервна поддршка за европскиот пат на Република Северна Македонија, посакувајќи овој процес да помине брзо и да се претвори во опипливи промени за животот на граѓаните, со правда, развиена економија и благосостојба за сите.

Амбасадорот Дејвид Гир ја истакна поддршката на Европската унија за европскиот пат на Северна Македонија и изрази подготвеност за продлабочување на соработката со општина Гостивар.