Вршителот на должноста Амбасадор на Сојузна Република Германија во Скопје, Ото Граф, во посета на Гостивар

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, беше домаќин на вршителот на должноста амбасадор на Германија во Скопје, г. Ото Граф.

На средбата се разговараше за важноста на странските инвестиции во Гостивар, како и нивниот континуиран раст.

“Ја истакнав вредноста од соработката во досегашните проекти во Гостивар на германската амбасада и му се заблагодарив на амбасадорот за покажаниот интерес за развивање на нови иницијативи.Го информирав г. Граф и со приоритетните проекти за Гостивар кои треба да се реализираат во наредниот период и со оние што досега ги имплементиравме, особено во училиштата и во областа на спортот“, истакна градоначалникот Арбен Таравари.

На средбата, исто така, се разговараше и за политичката состојба, поточно за неопходните уставни измени кои ќе го отворат европскиот пат за нашата земја. Во оваа насока, градоначалникот на Општина Гостивар го увери германскиот амбасадор дека ги поддржува сите напори и иницијативи поврзани со интеграцијата на земјата во Европската Унија.