Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари испрати екипа за потрага и спасување во Турција

 

Осум пожарникари од Територијалната противпожарна екипа -Гостивар, денеска заминаа за Турција. Тие ќе одат да им помогнат на турските власти, да ги санираат штетите и да им помогнат на жителите од серијата земјотреси што ја погодија Турција.

На испраќање беше градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, кој истакна дека пожарникарите се стручно обучени. Со овој гест, Гостивар, додаде Таравари, им излегува во пресрет на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција.

Тој рече дека противпожарната екипа со себе ќе понесе и хуманитарна помош донирана од компанијата „Алмеро“.

„Денеска за помош на жителите погодени од земјотресот во Југоисточна Турција замина лиценциран тим за пребарување и спасување од општина Гостивар, составен од 8 лица, кои со себе понесоа дел од донираната хуманитарна помош од компанијата „Алмеро”. Им благодарам на хероите на мојот град за подготвеноста и им посакувам многу среќа и исполнување на нивната мисија со чест и професионализам“, изјави градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари.