Општина Гостивар ќе додели 100 бесплатни мамографии

По повод одбележувањето на октомври како Месец за подигање на свеста за ракот на дојка, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, најави дека општината ќе обезбеди 100 бесплатни мамографии.
Според Лимани, ваучерите ќе се доделат преку јавен повик, а критериумите за нивно добивање ќе бидат објавени следната недела.
„Оваа година Општина Гостивар обезбеди 100 купони со кои нашите сограѓани ќе можат да направат бесплатна мамографија во приватна ординација. Воедно, на состанок со директорот на Општата болница, Арѓент Муча, договоривме заедно да извршиме притисок врз Министерството за здравство за да донесе мамограф во гостиварската болница. Се надевам дека новата година ќе ја дочекаме со мамограф во нашата болница, со цел нашите сограѓани да имаат можност да ја превенираат оваа болест,“ изјави градоначалникот Лимани на вечерашниот форум посветен на борбата против ракот на дојка, организиран од општината.
Да потсетиме, Општина Гостивар континуирано работи на подигање на свеста и обезбедува дополнителна поддршка во борбата против ракот на дојка.