Нов камион Ивеко за собирање на отпад – донација од Турција за Општина Гостивар

29.12.2018

Во служба на Јавното претпријатие “Комуналец” е ставен нов камион за собирање отпадоци. Станува збор за донација од Унијата на турски општини, чии претставници престојуваа во Општина Гостивар за извршат примо-предавање на истата.

Гостите беа пречекани од градоначалникот Арбен Таравари, кој во оваа прилика им се заблагодари на донаторите, истакнувајќи дека тоа е подарок што му беше ветен при неговата неодамнешна посета на Анкара.

“Искрено и благодарам на Унијата на турски општини, бидејќи од кога сум јас градоначалник сме имале неколку донации од Репулбика Турција, две возила на итан помош од типот Мерцедес, сега ни стигна новиот камион за собирање и превезување на отпад од типот Ивеко, исто така нов, а се надеваме дека во мај ќе примиме уште еден поголем камион. Многу брзо, можеби во јануари, како донација од Турција ќе изградиме голема игротека во дел од градскиот парк”, подвлече градоначалникот Таравари.

Вршителот на должноста генерален секретар на Унијата на турски општини, Ахмет Казан изјави дека идејата за оваа донација доаѓа по консултација со градоначалникот, кој ја нагласи потребата за камион за собирање отпад.

“Би сакал да ви ги пренесам поздравите од турскиот народ и да му се заблагодарам на градоначалникот на Гостивар за гостопримството. Претходно Арбен Таравари не извести дека општината со која тој раководи има потреба од камион за отпадоци и ние како Сојуз на турски општини се обидовме да одговориме на ова барање што е можно побрзо. Оваа донација е во рамикте на годишната програма на ниво на Балканот. Ние како народ имаме тесна врска со населението во Гостивар, па се надеваме дека добрите односи меѓу нас ќе продолжат и во иднина “, истакна Ахмет Казан.

Директорот на ЈП “Комуналец” Исак Лазами, рече дека оваа донација ќе влијае во подобрувањето на квалитетот на услугите, нагласувајќи дека ќе продолжат напорите за обезбедување на други камиони, кои ќе бидат ставени во функција на собирање и превезување на отпадоци.

Служба за информирање