Состојбата со „Ковид-19“ во гостиварскиот регион е сериозна, но бројот на активни пациенти опаѓа

18.08.2020

Во трите општини од гостиварскиот регион состојбата со „Ковид-19“ и натаму останува сериозна, но радува фактот што бројот на активни случаи во последната недела опаѓа – беше утврдено на денешниот состанок на Гостиварскиот меѓуопштински кризен штаб.

Како што извести Валбон Лимани – шеф на кабинетот на гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари, бројот на активни заразени е 255 од кои 224 во општина Гостивар, 29 во Врапчиште и 2 во Маврово-Ростуше. На болничко лекување се 23 лица, а на домашно лекување 232 лица.

Инаку, вкупниот број заразени до сега во гостиварскиот регион е 673 од вкупно 2.298 тестирани лица.

Јавното претпријатие „Паркиралишта и зеленило“, продолжува со дезинфекција на колективните стнебни згради во Гостивар.

На денешниот состанок можеше да се забележи отсуството на претставници на голем број институции надлежни за справување со пандемијата.

На состанокот беше упатен повик до граѓаните и институциите, во согласност со ситуацијата да имаат посериозен пристап и строго да се придржуваат кон препораките за носење заштитни маски, држење на социјална дистанца и одржување на лична и колективна хигиена.

Служба за информирање