Во Гостивар одбележан 9 Мај – Денот на Европа

Амбасадорите на Вишеградската група, и година го одбраа Гостивар за одбележување на Денот на Европската Унија – 9 Мај. Првично амбасадорите на три од четирите земји од Вишеградската група во Скопје, односно на Чешка – Мирослав Томан, на Полска – Јацек Мултанопски и на Унгарија – Ласло Дукс беа примени од страна на Арбен Таравари во неговиот кабинет, при што зборуваа за актуелната состојба во општината и можностите за продлабочување на постоечката соработка.

Потоа, градоначалникот Таравари и тројцата амбасадори присуствуваа на свеченоста организирана по повод Денот на Европа, што започна со интонирање на химната на ЕУ – Ода на радоста, во изведба на хорот на ОУ М.К. Ататурк – Гостивар, проследено со музички нумери од земјите на ЕУ во изведба на учениците од Нижото музичко училиште “Енвер Стафаи” – Гостивар.

Градоначалникот Таравари во својот поздравен говор, им се заблагодари на амбасадорите од Вишеградската група што редовно го избираат Гостивар за одбележување на најважниот ден на Европската унија, и им честиташе на учениците за прекрасната програма специјално подготвена за овој ден, во чест на гостите.

На присутните, во името на земјите од Вишеградската група, им се обрати и унгарскиот амбасадор Ласло Дукс, кој приклучувањето на Вишеградската земји во ЕУ го претстави како успешна приказна, и посака наскоро и Македонија да стане дел од големото европско семејство.

Со богата културно-уметничка програма се претставија и учениците од ОУ “Гоце Делчев” предводени од страна на професорот по музичко, Басри Ристеми, на кому за дадениот придонес градоначалникот Таравари му поклони кацига за велосипедизам, омилено хоби на професорот.

На крајот на манифестацијата, амбасадорите од Вишеградската група, во придружба на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари и неговите соработници ги посетија штандовите подготвени од ученици од основните и средни училишта од општина Гостивар, каде што беа презентирани вредностите на земјите на ЕУ и дел од традицијата на Гостиварскиот регион, вклучувајќи ги и традиционалните јадења со кои ги почестија амбасадорите.

Вреди да се истакне дека целата манифестација помина во духот на мултикултурализмот и соживотот како специфична вредност на граѓаните на општина Гостивар.

Информативна служба