Таравари се сретна со иселениците, вети поддршка за нивните инвестиции

02.01.2017

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари вчера во салата на Советот на Општината оствари средба со иселениците кои за време на новогодишните празници престојуваат во родниот крај.

Во салата преполнета од иселеници , Таравари ги запозна нив со актуелната состојба во општината и проблемите кои се појавуваат како резултат на нефункционирање на Советот на Општина Гостивар и опструкции кои се прават од страна на политичките опоненти.

“Ја наследивме општината со огромни долгови кои ја надминуваат бројката од 2 милиони евра, покрај долгот на јавните претпријатија чија вредност најверојатно е четирикратно повеќе од долгот на општината. Наследивме крајно партизирана општинската администрација, јавни претпријатија и училишта. Го констатиравме тоа што го знаеја граѓаните, но немаа аргументи, т.е. бројни злоупотреби со јавните пари, односно со парите на гостиварските даночни обврзници. Сите тие ќе ги обелодениме бидејќи има општински служби и државни органи кои постојат токму за таа цел, така што нема да трошиме енергија и нема да нѐ спречи да ги тераме напред работите”, истакна градоначалникот Таравари.

Во врска со нефункционирањето на Советот на општината, тој ги запозна иселениците дека тој и општинските советници кои го поддржуваат, направиле напори, а и понатаму се залагаат да се изнајде компромис за соработка, со цел како последица на политичките поделби, да не страдаат граѓаните, но дека отсуствува волјата од другата страна.

“Ги употребивме сите средства и продолжуваме да правиме напори и понатаму да не се блокира работата на советот, но од другата страна наидуваме на отсуство на волја, а што се проследува со ирационални барања, како што е да ги задржиме на работа нивните партиски војници кои не само што ништо не работат, туку и воопшто не доаѓаат на работа. Кажете ми, ве молам, може ли тоа да се случи во европските земји каде што вие работите?”, ги праша иселениците Таравари.

Фокусирајќи се на прашања кои ги засегаат печалбарите, градоначалникот на Гостивар ги информираше нив дека во рамките на општинската администрација веќе функционира Канцеларијата за иселениците, која се отвори на 15 декември и ќе работи до 15-ти јануари. Ќе се направат суштински анализи за тоа која би била најдобрата форма за функционирање на ваквата канцеларија и дека во летниот период, истата ќе биде отворена три месеци.

Исто така, Таравари ги запозна иселениците дека во овој мандат ќе им се посвети големо внимание на иселениците, а за оваа цел, почнувајќи од ова лето, ќе се организира Недела на иселениците, во чии рамки, седум дена ќе се организираат разни уметнички, културни, забавни и спортски активности

На средбата, присутните кажаа свои забелешки, предлози и сугестии, при што изложија и конкретни идеи за организирање на иселениците во здружение кое ќе се ангажира за здружување на нивниот капитал за да инвестираат во својата татковина. За оваа идеја, тие добија уверување од градоначалникот Таравари, дека тој и општинската администрација стојат на располагање за да се помогне на сите можни начини и дека уцените кои им се правеа на заинтересираните печалбари за да го инвестираат својот капитал во нивната татковина, ќе припаѓаат на минатото.

Служба за информирање