26/11/2026
Општина Гостивар ги одбележува ноемвриските празници преку спорт, пријателство и соживот меѓу младите

Во рамките на активностите организирани по повод ноемвриските празници, Општина Гостивар, во соработка со Ученичкиот дом „Бранко Станијевиќ“ и средните училишта во градот, организираше спортски натпревари во шах и пинг-понг, во кои се вклучени ученици од четирите средни училишта во Гостивар.
Турнирот се одржува во просториите на Ученичкиот дом, со учество на албански, турски и македонски млади. Натпреварите ги опфаќаат двете спортски дисциплини и двата пола, создавајќи заеднички простор каде спортот служи како мост за пријателство, соработка и интеракција меѓу младите.
Претставничката на Секторот за образование при Општина Гостивар, Блерина Селмани, истакна дека преку овие активности се настојува ноемвриските празници, покрај нивното историско и национално значење, да пренесат и пораки со важни општествени вредности кај младите генерации.
„Преку овие активности настојуваме да го поттикнеме натпреварувачкиот дух, соработката и интеракцијата меѓу младите. Истовремено, сакаме нашите празници да пренесат пораки на единство, солидарност и пријателство кај младите генерации на нашиот град“, изјави Селмани.
Директорот на Ученичкиот дом, Јетон Селими, ја оцени важноста на оваа организација, нагласувајќи дека ваквите активности придонесуваат за зближување на младите и за создавање здрави односи меѓу нив. Тој посочи дека целта е овој турнир да прерасне во традиција и да се организира и во наредните години.
„Ваквите активности создаваат можност младите, без оглед на нивната етничка припадност, да се обединат преку спортот, пријателството и чесното натпреварување“, изјави Селими.
Моментално, во Ученичкиот дом се сместени 210 ученици од сите краишта на Северна Македонија, кои го следат средното образование во училиштата во Гостивар. Покрај образовната и сместувачката функција, оваа институција претставува и значаен простор за интеракција, запознавање и соживот меѓу младите од различна етничка и културна припадност.
Преку ваквите организации, Општина Гостивар настојува ноемвриските празници да служат не само како моменти за одбележување на историјата и националниот идентитет, туку и како можност за промовирање универзални вредности како пријателството, солидарноста, меѓусебното почитување и соживотот.
Турнирот ќе трае два дена, денес и утре, а по завршувањето на натпреварите учесниците ќе бидат наградени со благодарници за нивниот ангажман и учество.


Сподели ја веста:
ВЕСТИ
Најнови вести
Прелистајте ги најновите вести и останете информирани за настаните, соопштенијата и важните информации.

26/11/2026
Урбанистички проект за с. Долна Бањица – КП бр. 645 и 646

25/11/2026
Градоначалникот Лимани оствари официјална средба со амбасадорот на Турција, Алпер Акташ
