ОБСЕ, МВР и Општина Гостивар, спроведуваат заеднички проект “Кажи НЕ на говорот на омраза”

28.11.2017
ОБСЕ и Отсекот за превенција при СВР Тетово, во соработка со општина Гостивар, започнаа со спроведување на превентивно-едукативниот проект “Кажи НЕ на говорот на омраза”.
Со овој проект ќе бидат опфатени учениците од прва година од четирите општински средни училишта во Гостивар кои посетуваат настава на албански, македонски и турски јазик.

“Проектот ќе се спроведува во текот на оваа недела и следниот месец, а во негови рамки ќе се одржат предавања од посебни обучени полицискли службеници од областа на подобрување на разбирањето меѓу учениците од различна етничка припадност”, информира г-ѓа Аслијан Снопче – раководител на Одделението за образование при Општина Гостивар.

По завршувањето на предавањата, ќе се распише литературен конкурс на тема “Живеј во хармонија со другите”, додека делата кои ќе бидат прогласени за најдобри, ќе бидат претставени на специјална изложба која ќе има за цел да ја подигне свеста кај младите луѓе за значењето на толеранција и почит во етнички мешаните средини.

Служба за информирање